УСС-УКИМ

Студентите од УКИМ бараат итни подобрувања во домовите

23.06.2025 11:19

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ), имајќи ја предвид важноста на безбедноста, удобноста и достоинствениот студентски живот, достави две официјални барања до надлежните институции за подобрување на состојбите во домовите...

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ), имајќи ја предвид важноста на безбедноста, удобноста и достоинствениот студентски живот, достави две официјални барања до надлежните институции за подобрување на состојбите во домовите.

Како што велат од УСС – УКИМ, во првото барање, доставено до Државниот студентски дом – Скопје, УСС-УКИМ апелира за навремена проверка и повторно оспособување на нефункционалните лифтови во објектите на ДСД – Скопје. Со оглед на приближувањето на новата академска година и очекуваниот зголемен број на станари, се нагласува значењето на функционални лифтови – како за олеснување на секојдневното движење, така и за овозможување безбеден и пристапен престој за сите студенти, вклучително и за оние со ограничена подвижност“,.

Во второто барање, упатено до студентскиот дом „Пелагонија“ и Министерството за образование и наука, УСС-УКИМ бара итна санација и сервисирање на бојлерите и целиот систем за топла вода, имајќи ги предвид, како што велат, честите проблеми со греење и топла вода во изминатите зимски сезони.

Дополнително, се посочува на хроничниот проблем со нефункционалните лифтови во овој дом, што претставува посебна тешкотија за студентите со здравствени или физички ограничувања.

Со овие барања, УСС-УКИМ апелира до институциите за навремена и одговорна интервенција уште во текот на летниот период, со цел почетокот на академската година да го дочекаат со подобрени услови за живот и студирање.