Блиски исток

Иран најави одговор за САД

23.06.2025 12:50

Иран им се закани на САД дека по нивниот напад на нуклеарните постројки е проширен опсегот на легитимни цели што би можеле да бидат на удар на нивните вооружени сили. Трамп претходно ја повика владата во Техеран да се откаже од каква било одмазда и да склучи мир, затоа што идните напади ќе бидат многу поголеми...

Ден по американскиот напад врз иранските нуклеарни постројки, Иран и Израел продолжија со размена на оган. Тел Авив продолжува со уништување воена инфраструктура. Многу сме блиску до постигнување на целите-вели Нетанјаху.

„Кога ќе бидат постигнати, операцијата ќе заврши и борбите ќе престанат. Се движиме напред и сме многу блиску до нивно постигнување“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Се огласи и иранскиот лидер, првпат по нападите од САД. Го казнуваме ционистичкиот режим за неговиот тежок злостор-напиша Хамнеи на социјалните мрежи. Вашингтон ја уништи дипломатијата, ќе следи силен одговор-се закани врховниот командант на иранската војска.

„Секој пат кога Американците ќе стореа злосторство, добиваа цврст одговор, истото ќе се случи и овој пат“, рече генерал Амир Хатами, врховен командант на иранската армија.

САД не се во војна со Иран-тврди Вашингтон. Техеран има обновена шанса за мир, ако не го склучи, ќе следат нови напади-предупреди Трамп, алудирајќи и на промена на режимот. Ја нагласи монументалната штета врз нуклеарните постројки на Иран.

„Значително го одложивме нивниот развој на нуклеарно оружје и тоа беше целта на овој напад. Ова е ресетирање и можност Иранците да го изберат паметниот пат. Се надеваме дека тоа и ќе го сторат“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.

„Не е политички коректно да се користи терминот „промена на режим“, но ако сегашниот ирански режим не може повторно да го направи Иран голем, зошто да нема и промена на режимот?“, напиша американскиот претседател Трамп на социјалните мрежи.

По нападите врз иранските нуклеарни објекти, шефот на МААЕ свика итен состанок на одборот на гувернери. Итна седница одржа и советот за безбедност. Повици за прекин на огнот и дијаметрално спротивставени ставови.

„Договорот за неширење оружје е камен-темелник на меѓународниот мир и безбедност. Иран мора целосно да го почитува, a сите земји членки мора да дејствуваат во согласност со своите обврски според Повелбата на ОН“, рече Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

„Оваа акција беше неопходност. Немојте да се лажете, цената на неактивноста би била катастрофална“, изјави Дени Данон, израелски амбасадор во ОН.

„САД ја отворија Пандорината кутија. Никој не знае какви нови катастрофи и страдања ќе донесат“, рече Василиј Небензја, руски амбасадор во ОН.

Голем број блиски сојузници на САД изразија поддршка, но и повици за дипломатија и деескалација. Клучните партнери во Заливот пак, загрижени и разочарани од потегот на Трамп.

„Светот одамна се согласи дека на Иран не може да му се дозволи да се здобие со нуклеарно оружје. Акцијата на САД беше насочена кон специфични локации. Не сакаме целосна војна, сакаме да видиме дипломатија, дијалог и деескалација“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.

„Обновувањето на дипломатските и техничките дискусии е единствениот начин да се постигнат целите што сите ги бараме-Иран да не може да се стекне со нуклеарно оружје, но и да нема неконтролирана ескалација во регионот“, нагласи Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Би било катастрофална грешка да се пука врз американските бази. Би било грешка да се блокира Ормутскиот теснецБи ги повикал да се повлечат. Ајде да ја тргнеме дипломатската рампа, да станеме сериозни и да ја смириме оваа работа“, рече Дејвид Лами, министер за надворешни работи на Велика Британија.

„Нападите на САД врз нуклеарните постројки на Иран сериозно ги кршат целите и принципите на Повелбата на ОН и ги влошија тензиите на Блискиот Исток. Советот за безбедност на ОН не може да седи со скрстени раце“, изјави Гуо Џиакун, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.

По нападите на САД, Иран се закани со затворање на Ормутскиот теснец-клучен за 20% од светската нафтена трговија што веднаш доведоа до зголемување на растот на цените на нафтата. Американскиот државен секретар Рубио побара од Пекинг да изврши притисок врз Техеран да ја преиспита одлуката.

Бојана Крстевски