Ќе се евакуира уште едно семејство од Израел, евакуација чекаат уште 25 македонски државјани
Втора група македонски државјани ќе бидат евакуирани утре со авион од Тел Авив до Атина. Според МНР, во израел чекаат уште 25 државјани да бидат евакуирани дома. Се разгледуваат алтернативни начини за нивно враќање преку трети држави и поморски пат.

Нови четворица македонски државјани ќе бидат евакуирани од Израел со утрешниот лет од Тел Авив до Атина, соопштија од МНР. Станува збор за семејство, мајка и три деца.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека за утре е потврдена евакуација на четири лица, односно едно семејство (мајка и три деца). Местата се обезбедени преку Министерството за транспорт на Израел, во рамките на организираните летови кои се користат за евакуација на странски државјани од Израел. Летот е планиран од Тел Авив до Атина“- велат од Министерството за надворешни работи.
Според кризниот штаб во МНР, за евакуација чекаат уште 25 македонски државјани. Меѓутоа, не сите изразиле подготвеност да се евакуираат веднаш. Се очекува следните денови дополнителен број македонски државјани да добијат можност за евакуација од Израел.
Покрај воздушниот пат, се разгледуваат алтернативни начини за евакуација, преку копно до трета земја соседна на Израел, како што беше првата група од осум македонски државјани кои преку Египет со владиниот авион се вратија дома.
Од МНР ги информирале македонските државјани дека во петок, 27-ми јуни може да се евакуираат со брод од Израел до Кипар.
Според МНР, во Израел има околу 100 македонски државјани, со кои нашата амбасада во Тел Авив е во постојан контакт.
Ирина Гелевска
