Конференција

Земјава не може да се соочи со огнени стихии од поголеми размери, потребни се двојно повеќе пожарникари

23.06.2025 16:43

Пожарот во Кочани треба да биде последен аларм за промена на законските регулативи за заштита на објекти од пожар. Анализите покажале дека со сегашниот број пожарникари, земјава не може да се соочи со огнени стихии од поголеми размери. Потребни се двојно повеќе.

Недоволно пожарникари, непостоење тренинг-центар и опрема, возила стари и по 50 години. Новите пак, најчесто се од донации, нестандардизирани за наши услови. Агенцијата за шумарство, воопшто нема пожарникари.

Дел од проблемите со кои се соочува Македонија при заштита од пожари.

Ако се навратиме на големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани, секако во првите борбени редови беа пожарникарите, кои можеби спречија поголема трагедија. Но, не се доволни 400-те пожарникари, надлежните велат потребни се најмалку уште толку.

Според заменик-министерот за економија и труд, Ристески, трагедиите беа резултат на законски нормативи полни со недоречености, недостиг од контролни механизми за безбедност, лошата координираност на институциите и нискиот праг на стандарди за давање дозволи за работа во дејности или објекти.

Стандардите играат суштинска улога во законските и подзаконските акти поврзани со заштита од пожар, особено во процесот на проектирање и градење на објекти.

Александра Спировска