Арсовска добила закани од сопственикот на небезбедната зграда во Чаир
Таа преку допис за медиумите тврди дека досега, дури 61 стан во зградата биле незаконски градени, а постои обид да се легализираат прикажани лажно дека се градени во 2011 со документација фалсификувана од градоначалникот на Чаир.

Инвеститорот на 12-катницата во Чаир, за која градоначалничката Данела Арсовска, тврди дека е небезбедна и изградена без одобрение, проект и платени комуналии, лично и се заканувал, по што Арсовска го пријавила во полиција.
Таа преку допис за медиумите тврди дека досега, дури 61 стан во зградата биле незаконски градени, а постои обид да се легализираат прикажани лажно дека се градени во 2011 со документација фалсификувана од градоначалникот на Чаир.
„Бујар Аземи е фатен како се обидува дивоградбата нелегално да ја приклучи на водоводна мрежа, а која веќе нелегално ја приклучил на струја, упати многубројни сериозни закани за што е поднесена пријава до МВР. До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доставуваме уште еден предмет со илјадници страни фалсификати и злоупотреби од Општина Чаир, каде се инволвирани повеќе функционери и вработени во општина Чаир“, вели градоначалничката.
Пријавите и заканите следуваат откако Арсовска сними видео од самото место на објектот, за кој тврди дека е нелегално приклучок на струја и вода.
Арсовска ги повика институциите веднаш да реагираат за заканите, за како што вели утре да не биде предоцна.
Претходно, од МВР рекоа дека постапуваат по секоја пријава, и ќе биде казнет секој оној кој го крши законот.
Борис Грујоски
