Опозицијата не ѝ дава преодна оценка на Владата
Опозицијата не ѝ дава преодна оценка на Владата за сработено во текот на една година од работењето. Велат, извршната власт само предлагала закони кои козметички ги менувала работите...

Опозицијата не ѝ дава преодна оценка на Владата за сработено во текот на една година од работењето. Велат, извршната власт само предлагала закони кои козметички ги менувала работите. Според СДСМ бил усвоен Законот за организација на државната управа со кој го зголемиле бројот на Министерствата и ги адаптирале законите согласно со промена на уставното име. Немало суштински законски проекти кои би ги подобриле состојбите во економијата и за реформи во другите општествени дејности, сметаат социјалдемократите.
За ДУИ во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и нелегитимната Вреди, албанскиот јазик брутално се деградирал, законите се испраќале само на македонски јазик, патоказите се менувале, а повеќе од 78 институции го игнорирале Законот за употреба на албанскиот јазик. Според интегративците, балансерот е укинат, вработувањата се фаворизираат за македонската етничка заедница, оправдувајќи се со лажна меритократија што ги потценува Албанците, сметаат во ДУИ. Побараа предвремени парламентарни, заедно со локалните избори.
За коалицијата Вреди барањето на ДУИ за предвремени парламентарни избори уште еднаш докажувало дека интегративците се претвориле во политичка партија без идеи и визии. Со Вреди во владата имаме Албанци кои уживаат достоинство уште во првата година од нашето владеење. Според Вреди тие го претставуваат целосниот легитимитет на албанскиот народ, нешто што силно и јасно го покажале на последните парламентарни избори со 107.000 гласови. Тоа, уште појасно ќе го докажеме со апсолутната победа на претстојните локални избори – порачаа од Вреди.
Од ВМРО-ДПМНЕ на критиките на опозицијата велат дека јавниот долг е намален, економијата е во нагорна линија, комплетно се исплатени субвенции за земјоделците уште од 2021 година, а криминалците се зад решетки.
Игор Панов
