Блиски Исток

Израел и Иран се согласија за прекин на огнот

24.06.2025 09:54

Американскиот претседател Трамп прогласи крај на војната меѓу Израел и Иран. И Техеран и Тел Авив се согласиле да го завршат конфликтот. Израел предупредува дека ќе одговори на секое прекршување од Иран. Изутрината од израелската страна јавија за неколку ирански напади, но Техеран негира дека извршиле ракетирање…

Израел се согласи на прекин на огнот со Иран, но предупредува, ќе одговори на секое прекршување. Од кабинетот на премиерот Нетанјаху велат дека се постигнати целите на операцијата и отстранети заканите поврзани со иранското нуклеарно и балистичко вооружување.

Американскиот претседател Трамп прв објави дека официјално е во сила примирјето и побара да не се прекршува, откако околу полноќ соопшти дека 12-дневната војна е завршена, но Техеран негираше и истрела нови проектили.

„Честитки до сите! Израел и Иран постигнаа договор за целосен прекин на огнот, кој ќе почне за приближно шест часа, по што Израел и Иран ќе го финализираат конечниот договор, за приближно 12 часа, а војната ќе се смета за официјално завршена“, објави претседателот на САД, Доналд Трамп.

Во Вашингтон оптимисти за конечен мир на Блискиот Исток.

„Сега Иран не е способен да изгради нуклеарно оружје со опремата што ја има, бидејќи ние ја уништивме. Тоа е многу, многу голема работа. Тоа значи дека мора да разговараме со Иран и, се разбира, со Израел за тоа што носи иднината, бидејќи иако ја уништивме иранската нуклеарна програма, нашата надеж и нашето очекување е да се изгради долгорочна спогодба тука каде што можеме да имаме мир во регионот“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.

Меѓународната заедница го поздрави прекинот на огнот и предупреди на опасна ескалација доколку не запрат непријателствата.

„Сакаме да видиме дијалог и дипломатија како замена за каква било ескалација и најавата на претседателот Трамп ја поздравуваме со задоволство“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.

„Тоа е спирала на насилство што го става регионот во опасност и би имало многу сериозни последици. Затоа повикуваме на воздржаност, прекин на нападите од сите страни и враќање на преговорите“, рече Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

„Јапонија смета дека деескалацијата на ситуацијата е најважна работа. Исклучително сме загрижени за каква било одмазда и постојано се надеваме дека патот за дијалог, вклучително и разговорите меѓу Америка и Иран, ќе се отвори повторно“, изјави Јошимаса Хајаши, секретар на јапонскиот кабинет.

Војната почна со нападот на Израел врз Иран на 13-ти јуни. Тел Авив тврдеше дека сака да го спречи Техеран да изгради нуклеарна бомба. Иран одговори на нападите, а САД се вмешаа во војната во саботата, со напад на три ирански нуклеарни постројки. Вчера, Техеран возврати со одмазднички напади врз американската воена база во Катар.

Маријана Димовска