ОЈО Скопје

Отфрлена кривичната пријава против новинар и телевизиска куќа, пријавени за неовластено снимање телефонски разговор

24.06.2025 15:21

Обвинителството оцени дека нема основи за гонење, бидејќи се работи за известување во јавен интерес, поврзано со сообраќајниот метеж предизвикан од нефункционирање на сигнализацијата во главниот град.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе одлука за отфрлање на кривичната пријава поднесена против новинар и телевизиска куќа, кои беа пријавени за неовластено снимање телефонски разговор со раководителка на Одделението за односи со јавност во Град Скопје.

Обвинителството оцени дека нема основи за гонење, бидејќи се работи за известување во јавен интерес, поврзано со сообраќајниот метеж предизвикан од нефункционирање на сигнализацијата во главниот град. Случајот беше разгледан и низ призмата на пресуди од Европскиот суд за човекови права, при што се заклучи дека постоел јасен јавен интерес кој го оправдува снимањето.

Решението, кое е правосилно и потврдено од Вишото обвинителство, ќе биде доставено до новинарски здруженија и организации што се залагаат за слобода на изразување, како поддршка на правото на информирање во случаи од јавен интерес.