Панел-дискусија за една година влада
Дел од министрите и денеска реферираа за сработеното во првата година од мандатот на оваа влада ...

За сработеното во образованието и науката во изминатите 365 дена ресорната министерка вели може да се напише книга од 200 страници. Но на нив немаше да пишува решен проблемот со образовните асистенти за учениците со попреченост. Минатиот септември учебната година почна без стручна помош, надлежните си ја префрлаа одговорноста. Годинава конкурсот е во тек.
Јаневска најави дека ќе прави анкети преку целата година помеѓу родителите, учениците и наставниците каде има проблеми за да решаваат. Некои ученици чекаа со години, помош побараа од Народниот правобранител.
Министерката рече дека е запознаена со проблемот на немање стручен кадар во средното училиште „Партениј Зографски“ каде што учат ученици со оштетен слух и глуви, таму кадарот не е обврзан да го знае знаковниот јазик и покрај тоа што работи со овие деца, најави решение до крајот на мандатот.
Министерот Перински, пак, најави решение за нерамномерниот регионален развој.
Со предлог-измените на Законот за локална самоуправа граѓаните ќе можат референдумски да го отповикаат градоначалникот доколку не се задоволни од неговата работа, затоа на министерството му е битно да биде донесен овој закон.
Наташа Јанчиќ - Менковски
