Израел и Иран се согласија на примирје, па продолжија со напади
Израел и Иран се согласија на примирје за да стават крај на 12-дневната војна што го запали Блискиот исток. Но, продолжија и нападите и меѓусебните обвинувања. Трамп бара да се почитува договореното...

Се согласија на прекин на огнот, па продолжија со напади. Израел и Иран ги прекршија условите за запирање на непријателствата-разочарано коментира американскиот претседател Трамп, неколку часа откако го објави примирјето. Вели дека не е задоволен од ниту една страна, особено посочувајќи кон Израел и барајќи од него да се смири. Тврди дека Иран повеќе не е способен да изгради нуклеарно оружје со опремата што ја има.
„Имаше истрелана ракета преку морето по временското ограничување кое ја промаши целта и Израел веднаш се впушти. Овој човек мора да се смири. Сега слушам дека Израел едноставно се откажа затоа што сметаше дека е прекршено примирјето од ракета што не падна никаде. Тоа не е она што го сакаме и искрено не сум среќен поради тоа за Израел“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Повик за максимална воздржаност од двете страни пристигна и од Брисел.
„Пријавениот ракетен истрел нагласува колку потенцијално останува кревок овој прекин на огнот. Ги повикуваме сите страни да покажат максимална воздржаност. Европа го поздравува објавувањето на прекинот на огнот кое е важен чекор кон враќање на стабилноста во регион во тензија и ова мора да биде наш колективен приоритет“, изјави Ануар Ел Ануни – портпарол на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
Техеран негира дека лансирал ракети по прекинот на огнот, Тел Авив јавува за жртви во Бершеба по што министер за одбрана Кац наложи силен одговор во срцето на Иран.
„Таа ракета, која е една од најтешките ракети на Иранците, се нарекува Гадр. Тежи над 400 килограми и удри овде специјално за да убие жени, деца, стари лица и обични луѓе. Уништи градинка и училиште, урна станови и уби четири невини цивили“, изјави Исак Херцог – претседател на Израел.
„Нагласувам, во оваа фаза нема промена во упатствата на Командата на домашниот фронт. Важно е да се продолжи со следење на упатствата, бидејќи сè уште постои ризик“, изјави Ефи Дефрин – портпарол на израелската одбрана.
Меѓународната заедница го поздрави примирјето одново предупредувајќи на опасна ескалација доколку не запрат непријателствата.
„Сакаме да видиме дијалог и дипломатија како замена за каква било ескалација и најавата на претседателот Трамп ја поздравуваме со задоволство“, изјави Ентони Албанезе – премиер на Австралија.
„Тоа е спирала на насилство што го става регионот во опасност и би имало многу сериозни последици. Затоа повикуваме на воздржаност, прекин на нападите од сите страни и враќање на преговорите“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.
„Внимателно ги следиме случувањата. Ги цениме и искрено ги поддржуваме сите напори што ќе обезбедат прекин на огнот во регионот, а потоа ќе го отворат патот за траен мир“, изјави Реџеп Таип Ердоган – претседател на Турција.
Војната почна со нападот на Израел врз Иран на 13 јуни со изговор да го спречи Техеран да изгради нуклеарна бомба. Иран одговори на нападите, а САД се вмешаа во војната во саботата, со напад на три ирански нуклеарни постројки. Техеран возврати со одмазднички напади врз американската воена база во Катар.
Бојана Крстевски
