Кошарка – квалификации за ЕП 2015

Пред Македонија падна и Белорусија!

17.08.2014 19:16

Подмладена, па и ослабена, ама македонската кошаркарска репрезентација победува и се доближува до Европското првенство наредната година. Без респект кон Белорусија која знае да биде незгодна кога игра во Минск, Македонија славеше во третото коло за пласман на ЕУРО 2015-та со 81:70.

Подмладена, па и ослабена, ама македонската кошаркарска репрезентација победува и се доближува до Европското првенство наредната година. Без респект кон Белорусија која знае да биде незгодна кога игра во Минск, Македонија славеше во третото коло за пласман на ЕУРО 2015-та со 81:70.

Почетокот на мечот најави дека Македонија и во Белорусија ќе се остане во победничкиот ритам создаден во дуелите со Белгија и со Данска. Нашата репрезентација поведе во финишот на првиот период со 28:12, но дозволи домаќинот да ја почне втората четвртина со 10:0 и во еуфоричните минути да дојде до пресврт и до 35:31. Откако го преживеа кризниот период, Македонија повторно ја презеде контролата и практично го реши натпреварот со серијата од 12:2 кон  крајот  на третата и почетокот на последната четвртина. Во финишот, предноста на нашите кошаркари порасна и до +12 што беше доволно за обезбедување на третиот триумф и првото место во групата Д пред гостувањето в среда во Белгија која беше убедлива против Данска со 71:50.

Одличен натпревар одигра Трајковски со 17 поени и заедно со Белорусинот Лиутиќ беа најефикасни на дуелот. Костоски постигна 15, Симоновски и Соколов по 11, Хендрикс 10, Војдан Стојановски 8, Магдевски 7 и Ѓуровски два поена.  Иако Македонија собра 31 или десет скока помалку од противникот, клучен беше процентот за три поени. Нашите кошаркари погодија 16 од 31 обид, за разлика од Белорусите кои уфрлија 10 тројки од 28 шута. По гостувањето во Шарлроа против Белгија од коешто МРТ ќе емитува пренос в среда во 20 часот и 30 минути, Македонија до крајот на квалификациите ќе игра и во Скопје на 24 август против Данска и на 27 против Белорусија.