БЛИСКИ ИСТОК

Нуклеарните централи во Иран се целосно уништени, уверува Трамп

25.06.2025 09:53

Иран нема да има нуклеарно оружје, нуклеарните централи се целосно уништени, уверува американскиот претседател. Според Тел Авив, војната ја уништи нуклеарната програма на Техеран. Иранските власти обвинуваат дека нападите од САД и Израел биле неодговорни. Иранците и натаму се загрижени за ситуацијата, едни си заминуваат од земјата, други се враќаат дома...

Нуклеарните централи во Иран се целосно уништени во американските напади, и покрај тоа што разузнавачката проценка фрла сомнеж врз нивниот успех, уверува претседателот на САД. Иран нема да има нуклеарно оружје, дециден е Трамп по прекинот на огнот меѓу Тел Авив и Техеран. Секое примирје е кревко, но фокусот треба да биде на фактот дека двете страни се согласија да се случи, став на Стејт департментот.

„Претседателот го реши тоа многу брзо. Не само што ја уништивме иранската нуклеарна програма, туку го направивме тоа без никакви американски жртви. И тоа се случува кога имате силно американско водство“, изјави Џејмс Дејвид Венс, потпретседател на САД.

Војната на Израел против Иран ја уништи нуклеарната програма на Техеран, тврди и израелскиот премиер Нетанјаху.

„Сите акции што ги презедоа нашите борци, ги направивме за да ја уништиме нуклеарната програма на Иран. И ако некој се обиде да го оживее овој проект, ние ќе дејствуваме со истата решителност и иста сила за да ставиме крај на секој таков обид. Повторувам, Иран нема да има нуклеарно оружје“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Иранскиот претседател Пезешкијан порача дека сите заслуги за историската победа му припаѓаат на Иран и се резултат на единството и отпорноста на иранскиот народ. За Техеран, нападите на САД и Израел врз нуклеарните постројки биле неодговорни. И покрај прогласеното примирје, многу Иранци и натаму се загрижени за ситуацијата. Некои решија да ја преминат границата кон Турција, додека други се враќаат дома.

„Овие нелегални дејствија поставија опасен преседан, го поткопаа режимот за неширење и го оштетија кредибилитетот на Советот за безбедност. Разочарувачки е што Советот не успеа да ги осуди овие нелегални напади“, изјави Амир-Саид Иравани, постојан претставник на Иран во ООН.

Покрај тековната војна во Газа, состојбата на Блискиот Исток се разгоре откако Израел го нападна Иран на 13-ти јуни со цел да го спречи Техеран да изгради нуклеарна бомба. Иран возврати на нападите по што САД нападнаа три ирански нуклеарни постројки.

Маријана Димовска