БЛИСКИ ИСТОК

Нетанјаху: Иран нема да има нуклеарно оружје

25.06.2025 14:04

Нуклеарните централи во Иран се целосно уништени во американските напади, уверува претседателот на САД. Секое примирје е кревко, но фокусот треба да биде на фактот дека двете страни се согласија да се случи, став на Стејт департментот. Израел го отвори воздушниот простор, нема ограничувања на летовите. И покрај прогласеното примирје, многу Иранци и натаму се загрижени за ситуацијата...

Нуклеарните централи во Иран се целосно уништени во американските напади, и покрај тоа што разузнавачката проценка фрла сомнеж врз нивниот успех, уверува претседателот на САД. Иран нема да има нуклеарно оружје, дециден е шефот на Белата куќа по прекинот на огнот меѓу Тел Авив и Техеран. Секое примирје е кревко, но фокусот треба да биде на фактот дека двете страни се согласија да се случи, став на Стејт департментот.

„Претседателот го реши тоа многу брзо. Не само што ја уништивме иранската нуклеарна програма, туку го направивме тоа без никакви американски жртви. И тоа се случува кога имате силно американско водство“, истакна американскиот претседател, Џејмс Дејвид Венс.

Израел го отвори воздушниот простор, нема ограничувања на летовите. Дел од училиштата одново во функција. Властите ги сумираат успесите од 12-дневната војна.

„Ги погодивме воените капацитети на иранскиот режим, кои тие ги градеа со години како дел од својот план за уништување на државата Израел“, изјави бригадениот генерал Ефи Дефрин, портпарол на Израелската одбрана.

„Сите акции што ги презедоа нашите борци ги направивме за да ја уништиме нуклеарната програма на Иран. И ако некој се обиде да го оживее овој проект, ние ќе дејствуваме со истата решителност и иста сила за да ставиме крај на секој таков обид. Повторувам, Иран нема да има нуклеарно оружје“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

И покрај прогласеното примирје, многу Иранци и натаму се загрижени за ситуацијата. Некои решија да ја преминат границата кон Турција, додека други се враќаат дома.

„Работам во Турција. Поради ситуацијата и војната решивме да се вратиме во нашата земја. Се грижиме за нашето семејство. Мора да бидеме подготвени“, вели Ирачанец.

„Не е важно каде во светот, војната е стресна. Сите се под стрес, вклучително и јас. Загрижена сум затоа што живееме таму. Целото мое семејство живее таму“, рече Иранка.

„Имаше експлозии секоја вечер во Техеран и во другите градови, но не се плашевме. Сепак, најлошиот момент беше кога Американците почнаа да бомбардираат“, изјави патник од Франција.

За Техеран, нападите на САД и Израел врз нуклеарните постројки биле неодговорни.

„Овие нелегални дејствија поставија опасен преседан, го поткопаа режимот за неширење и го оштетија кредибилитетот на Советот за безбедност. Разочарувачки е што советот не успеа да ги осуди овие нелегални напади“, изјави Амир-Саид Иравани, постојан претставник на Иран во ООН.

Покрај тековната војна во Газа, состојбата на Блискиот Исток се разгоре откако Израел го нападна Иран на 13-ти јуни со цел да го спречи Техеран да изгради нуклеарна бомба. Иран возврати на нападите по што САД нападнаа три ирански нуклеарни постројки.

Маријана Димовска