Гувернерот на средба со банкарите

Славески бара намалување на банкарските провизии: Надоместоците за платежни услуги треба да бидат на разумно ниво

25.06.2025 18:20

Народна банка со конкретни предлози за намалување на провизиите што ги плаќаат граѓаните и компаниите за користење на платежните услуги. Целта е поставување на ниво кое ќе биде одржливо за банките и фер и прифатливо за корисниците.

Укинување на провизиите за електронско и мобилно банкарство, нивно намалување за одржување на платежните сметки за компаниите – ова се дел од предлозите што гувернерот на Народна банка, Трајко Славески ги изнесе пред банкарите.

Надоместоците за платежни услуги треба да бидат на разумно ниво, порача Славески, бидејќи сега се повисоки кај нашите банки споредено со нивните матични банки во ЕУ, а некои услуги за разлика од кај нас, таму се бесплатни. Според него, треба да се стигне до ниво кое ќе биде одржливо за банките, а прифатливо за корисниците.

Народна банка подготвена да го направи првиот чекор, со намалување на надоместоците што банките ги плаќаат поврзани со долговниот промет.

Од МБА велат дека ќе разговараат за предлозите, но оттаму посочија дека за висината на надоместоците, секоја банка одлучува индивидуално. Надоместоците учествувале со 18 насто изминатата година во вкупните нето приходи на банките.

Народна банка посочува – кога плаќањата ќе станат поевтини и подостапни, повеќе граѓани ќе се охрабрат да ги користат дигиталните канали.

Александра Велинова