Таткото на Вања ослободен од обвинение, Обвинителството најави жалба
Кривичниот суд ја донесе првостепената пресуда за грабнувањата и убиствата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, кои се случија на 22 и 27 ноември 2023 година. На Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски им се изречени доживотни затворски казни. Таткото на 14-годишното девојче, Александар Ѓорчевски е ослободен од обвинението – обвинителите не успеале да докажат дека е виновен за помагање при грабнувањето на детето. Тие најавија жалба на ваквата одлука, исто како и адвокатите на четворицата кои се зад решетки...

Доживотна казна затвор за четворицата обвинети Палевски, Кешишев, Манев и Видевски за грабнувањата и убиствата на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски и 14-годишната скопјанка Вања Ѓорчевска.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски пак, доби ослободителна пресуда за наводната вмешаност во грабнувањето на неговата ќерка.
Обвинителството задоволно од пресудите, со исклучок на онаа за Ѓорчевски, за која најави жалба, бидејќи смета дека исказите на обвинетите ја докажале неговата вмешаност во случајот.
Бранителот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ, задоволен од ослободителната пресуда за неговиот клиент, но не и од тоа што тој воопшто бил вмешан во постапката и минувал низ оваа голгота.
Бранителите на останатите, сега осудени лица кои бараа ослободителни пресуди, најавија жалби за доживотните затворски казни.
Четворицата обвинети остануваат во притвор до правосилноста на пресудата, а на Ѓорчевски му се укина куќниот притвор.
Марија Котовска
