Радев праќа писма, Мицкоски гледа обид за создавање нова нација
Писмото на Радев до европските лидери, во кое порачува дека правата на Бугарите не можат да бидат објект на политички преговори и оти Софија не прифаќа замена за Францускиот предлог, за македонскиот премиер е потег за домашна употреба. Мицкоски рече дека обидот со амандаман на извештајот на Вајц да се креира модерна македонска нација со модерен македонски јазик, покажува дека проблемот со соседната земја не е во внесувањето на Бугарите во Уставот...

„Не е проблем Бугари во Уставот, туку македонскиот идентитет и македонскиот мајчин јазик, тоа е суштината на проблемот“ – вели премиерот Мицкоски како реакција на бугарските политичари по изгласувањето на извештајот на Вајц во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент.
Според него, ние бараме Бугарија да го почитува македонскиот идентитет, а не видоизменет идентитет со модерен македонски јазик. Побара Софија да примени дел од пресудите на Европскиот суд за човекови права и да го признае Здружението ОМО Илинден-Пирин како правен субјект кој ги претставува интересите на Македонците и да назначи Македонец претставник во Министерскиот совет за национални малцинства.
„За мене е големо разочарување. Затоа што вчера сведочевме како во главниот град на Европа, Брисел, имаше обид од одредени европарламентарци да се креира нова нација и нов јазик во 21 век во Европа. Тоа што тие истите обвинуваат дека Русија прави во Украина со негирање на идентитетот на Украинците, јазикот, вчера одредени европарламентарци се обидоа да му го направат на овој малоуброен македонски народ, да креираат модерна македонска нација која што се служи со модерен македонски јазик“, изјави премиерот Мицкоски.
Бугарскиот претседател Радев во писмото до европските институции напишал дека неговата земја не прифаќа алтернатива на европскиот компромис.
„Бугарија нема да прифати замена за тешко постигнатиот европски компромис. Правата на Бугарите во Република Северна Македонија не можат да бидат предмет на политички преговори“, се наведува во писмото од Радев.
Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент го прифати Извештајот на Македонија со мнозинство гласови, притоа отфрлајќи ги амандманите на бугарските европарламентарци кои бараа пред македонскиот јазик и идентитет да стои „модерен“.
Игор Панов
