Стартува еднократниот отпис на долговите

18.08.2014 10:13

Јавниот повик е објавен, бројот на потребните документи е сведен на минимум и во најголем дел ќе ги обезбедат самите државни институции за што се пополнува посебна изјава...

Од денеска почна поднесувањето на барања за отпис на долговите за најранливите категории граѓани. Ќе се бришат старите обврски за потрошена струја, парно, радиодофузна такса, како и долговите кон банките направени до крајот на минатата година.

Јавниот повик е објавен, бројот на потребните документи е сведен на минимум и во најголем дел ќе ги обезбедат самите државни институции за што се пополнува посебна изјава.

За да се искористи оваа еднократна можност, потребно е граѓанинот да пополни барање со основните податоци и да се наведат обврските кои бара да му бидат избришани.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со реализација на проектот за еднократно отпишување на долговите,  Владата значително ќе им помогне на најранливите категории на граѓани кои поради влошените финансиски услови и последиците од долготрајната европска и светска криза не можеле да ги платат обврските навреме.

Со мерката се отпишуваат долговите на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.

Во проектот се вклучија сите банки во Република Македонија, ЕВН, ЕЛЕМ, Топлификација, МРТВ, две штедилници, Нотарската комора и Комората на извршители.

Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до ноември, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, што, пак, зависи од тоа колку ќе се пријават.