Свет

Спротивставени извештаи за уништените нуклеарки на Иран

26.06.2025 12:19

Спротивставените извештаи за проценките на уништените нуклеарки на Иран ја продолжија дебатата за докажување кој е во право. Вашингтон и Тел Авив децидни – штетата е огромна, а нуклеарните планови на Техеран уназадени со години. Шефот на МААЕ, Гроси, воздржан, инсистира на враќање на инспекторите на Терен. Иран, пак, најави суспензија на соработката со агенцијата. Блискиот Исток и кревкото примирје остануваат во фокусот на јавноста …

По протечените разузнавачки проценки за штетите на иранските нуклеарни постројки, Белата куќа планира да го ограничи споделувањето доверливи информации со Конгресот. Шефот на ЦИА тврди-објектите се целосно уништени. Трамп согласен – уназадени се со години. Најави дека САД следната недела ќе се сретнат со Иран.

„Критичната инфраструктура и објектот за збогатување е целосно нефункционален. Американските напади врз нуклеарните објекти на Иран ја уназадија со години способноста да развива нуклеарно оружјеСакам да им се заблагодарам на нашите пилоти кои беа оцрнети и понижени од лажните вести“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

За сериозна штета сугерира и Израел. Не станува збор за локализиран, туку за системски удар-велат од одбраната.

„Иранската нуклеарна програма претрпе сериозни, широки и длабоки штети и е одложена со години. Нема да дозволиме Иран да произведува оружје за масовно уништување“, изјави Ејал Замир, началник на Генералштабот на израелските одбранбени сили.

Иран најави суспендирање на соработката со Агенцијата за атомска енергија бидејќи не го осудиле нападот, иако Гроси бара враќање на инспекторите на терен, загрижен дека Техеран би можел да ја обнови инфраструктурата.

„Соработката на Иран со нас не е услуга што ни ја прават, туку законска обврска сè додека Иран останува потписник или член на Договорот за неширењеВо интерес на сите е да можеме да ги продолжиме нашите активности што е можно поскоро“, рече Рафаел Гроси, генерален директор на МААЕ.

„Меѓународната заедница мора да разбере дека она што го направија САД против Иран беше ужасен удар врз меѓународната дипломатија, право и етикаПравото на Иран на нуклеарна енергија останува недопрено“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.

Наспроти дебатите за уназадување на нуклеарните планови на Техеран, во Газа десетици жртви и стотици повредени во изминатите 24 часа по продолжените израелски напади. Нетанјаху и даде рок од два дена на војската да изготви план кој ќе го спречи Хамас да краде од помошта што се доставува за Палестинците, во спротивно најави дека повторно ќе ја запре.

Бојана Крстевски