Гаши: Би сакал да одиме на избори без забелешки од граѓани
Измените во Изборниот законик, според Гаши, треба да бидат донесени така што би биле задоволени граѓаните кои сакаат да влезат во трката за челник на една од општините или пак да бидат дел од советот.

Би сакал да одиме на избори без забелешки од граѓани дека некој би се чувствувал нефер во битката за градоначалник или советник, вели претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши. Измените во Изборниот законик, според Гаши, треба да бидат донесени така што би биле задоволени граѓаните кои сакаат да влезат во трката за челник на една од општините или пак да бидат дел од советот.
Европскиот фронт е против ова решение во Изборниот законик зашто немало јавна дебата, не биле прифатени препораките на ОБСЕ, а според нив не требало да се носат измени на само неколку месеци пред изборите. И Левица со сличен став, велат мора да биде регулирано ова прашање во корист на граѓанските иницијативи за да можат рамноправно да земат учество на локалните избори.
По одлуката на Уставен суд кој ги укина членовите 17 и 18 на Изборниот законик се отвори правна празнина. Со законското решение што доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и ВЛЕН се предложи најмалку еден процент од запишаните избирачи да биде минимум за бројот на потписи за независните кандидати. Но, сега на потег се политичките фактори кои заедно со граѓанскиот сектор треба да го решат ова прашање.
Игор Панов
