Тенис

Федерер со рекорден 6 триумф во “најстарото финале“ во Синсинати

18.08.2014 10:27

Со победата во три сета во финалето против Давид Ферер, по сетови 6 : 3, 1 : 6 и 6 : 2 швајцарскиот суперстар го освои третиот турнир сезонава...

Швајцарецот Рожер Федерер го освои АТП турнирот во Синсинати, седми годинава во рамките на Мастерс серијата 1000. Со победата во три сета во финалето против Давид Ферер, по сетови 6 : 3, 1 : 6 и 6 : 2 швајцарскиот суперстар го освои третиот турнир сезонава, што е негов 6 рекорден триумф во Синсинати, каде што никогаш не загубил во еден финален меч.
 
Првиот сет беше рамноправен се до резултат 4 : 3, кога во осмиот гем Федерер ја искористи првата шанса за одземање на противничкиот сервис. Ферер можеше да возврати, но не искористи три врзани “брејк топки“ па го загуби сетот. Затоа во втиориот Шпанецот одигра маестрално, и како ретко кога доминираше со два “брејка“ за експресни 6 : 1. Но, во третиот сет Федерер ја врати стабилноста во играта и му се ревншира на Ферер со два одземени сервиса за 6 : 2 и нов триумф во Синсинати. Финалето ќе се памети и по тоа што беше “највозрасно“ во кое учесниците комбинирано имаат 65 години, а во кое победи 33 - годишниот тенисер.        
 
Во меѓусебните пресметки со Ферер, Федерер ја оствари 16 победа во исто толку мечеви, а втора по само десет дена откако го совлада ривалот во четвртфиналето во Торонто. Со тоа, Федерер го освои својот 22 Мастерс 1000 турнир и е втор на вечната листа зад Рафаел Надал со 27 такви трофеи. Тоа е вкупно 80 АТП освоен турнир во неговата кариера, со што се зацврсти на третата позиција на вечната листа, зад Џими Конорс со 109 и Иван Лендл со 94 титули.
 
Ферер беше шестиот Шпанец во финалето во Синсинати, но не успеа да им се придружи на Карлос Моја од 2002 и на Рафаел Надал од минатата година, кои го освојуваа најстариот Мастерс во САД. Во своето седмо Мастерс 1000 финале Ферер го претрпе шестиот пораз, и остана на единствениот триумф на ваквите турнири од 2012 година кога победи во Париз. Турнирот во Синсинати беше седми годинава од Мастерс серијата, во која остануваат уште Шангај и Париз во октомври, како и финалето во Лондон во ноември.