Битола

„Леб и сол“ го отворија 17-то Битолско културно лето

27.06.2025 09:27

Од синоќа официјално започна и 17-то издание на „БитФест 2025“. Најдолгото и најобемно културно лето во државава, има за цел да го поттикне уметничкиот израз како и да привлече повеќе гости за туристичка промоција и економско јакнење на градот. Со многубројни културни содржини и традиционални манифестации ќе бидат исполнетите следните два ипол месеци.

Со концерт на легендарната македонска рок група „Леб и сол“ на античкиот локалитет „Хераклеа“-свечено беше отворено 17-то издание на Битолското културно лето.

17 години од постоењето на „БитФест“, се само дел од речиси петдецениската фестивалска традиција на Битола, која без разлика на називот кој го носела низ времето, била најголем културен промотор на градот. „БитФест“ е приказна која ги спојува богатата традиција, историја и култура на градот, град кој живее преку манифестации кои градат високи вредности.

„БитФест“ е најдолго и најобемно културно лето во државава. Покрај бројните културни содржини, неизоставен дел се и традиционалните манифестации „Илинденски денови“, „Локум фест“, „Битолино“. Како и музичкиот спектакл од светски ранг на познатиот Дј Армин Ван Бурен на 3-ти август. Посетителите очекуваат квалитетна програма.

Пред официјалниот старт, публиката имаше можност да ужива во празникот на музиката „Солстис“ во тек е фестивалот „Битола отворен град“, како и саемот на книгата „Критична маса“. Официјалната програма ќе трае до 31-ви август.

 

Александра Максимовска