Американските претставници во комуникација со иранските лидери, велат од Белата Куќа
Американските претставници се во комуникација со иранските лидери, Трамп сака мир, велат од Белата куќа по изјавата на врховниот лидер Хамнеи дека Иран и удрил шлаканица на Америка. Состојбата на Блискиот Исток и натаму под притисок. Десетици жртви во Газа за 24 часа, меѓународната заедница бара прекин на огнот и испорака на хуманитарната помош...

САД се на дипломатски пат со Иран. Трамп сака мир, американските претставници се во комуникација со иранските лидери, велат од Белата Куќа. Администрацијата на американскиот претседател уверува дека претседателот ја завршил непосредната закана од иранската нуклеарна програма.
„По команда на претседателот Трамп, најмоќната војска во историјата на светот изврши масовни прецизни напади врз три од клучните нуклеарни објекти на иранскиот режим. Целта на операцијата „Полноќен чекан“ беше да се уништи капацитетот за нуклеарно збогатување на режимот и да се запре сериозната нуклеарна закана што претставува за САД, Израел и остатокот од светот“, изјави Каролин Ливит, изјави портпаролка на Белата куќа.
Иран и удри шлаканица на Америка и ќе одговори на секој нов напад. Врховниот лидер, Ајатолахот Али Хамнеи вели дека САД немаат никакви достигнувања од нападите врз нивните нуклеарни постројки. И од либански Хезболах велат дека мисијата на Израел против Иран е целосно пропадната.
„Иран излезе како победник по 12 дена. Прекинот на огнот е секако од вистински ирански интерес бидејќи става крај на агресијата против него. Овој прекин на огнот е директна и официјална декларација за неуспехот на целите на агресијата врз Иран“, истакна Наим Касем, генерален секретар на Хезболах.
Во Газа пак состојбата непроменета. За 24 часа десетици жртви во нападите. Раселените се обидуваат да преживеат ден за ден. Стејт департментот одобри 30 милиони долари за приватната организација која обезбедува хуманитарна помош за енклавата.
„Одобривме финансирање од 30 милиони долари за Хуманитарната фондација Газа и ги повикуваме другите земји да ја поддржат. Од првиот ден, рековме дека сме отворени за креативни решенија кои безбедно обезбедуваат помош за оние во Газа и го штитат Израел“, изјави Томи Пигот, заменик-портпарол на Стејт Департмент.
Во извештајот на ЕУ за состојбата со човековите права во Газа се наведува блокадата на хуманитарната помош од страна на Израел, големиот број цивилни жртви, нападите врз новинари и масовното раселување и уништување во контекст на војната.
„Повикуваме на итен прекин на огнот во Газа и продолжување на хуманитарната помош, бидејќи ова е најдраматичната хуманитарна и политичка ситуација и најголемата вонредна состојба во регионот“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.
„Во врска со Израел, споделивме загриженост за хуманитарната ситуација во Газа. Интензивно разговаравме за различни опции за тоа како можеме да влијаеме, заедно со САД, врз Израел да постигне прекин на огнот“, рече Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Висок функционер на Хамас уверува дека посредниците ги засилиле напорите за посредување во нов прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците во Газа, но дека разговорите со Израел и натаму се во застој.
Маријана Димовска
