Продолжува притисокот на Блискиот Исток
Американските претставници се во комуникација со иранските лидери, Трамп сака мир, велат од Белата куќа по изјавата на врховниот лидер Хамнеи дека Иран ѝ удрил шлаканица на Америка. Иранскиот шеф на дипломатијата негира дека има договор за ресетирање на преговорите со САД, нападите ги направиле преговорите покомплицирани. Состојбата на Блискиот Исток и натаму под притисок. Десетици жртви во Газа за 24 часа …

САД се на дипломатски пат со Иран. Трамп сака мир, американските претставници се во комуникација со иранските лидери, велат од Белата Куќа. Изјавата следува откако врховниот лидер Хамнеи рече дека Иран и удрил шлаканица на Америка.
„Целта на операцијата „Полноќен чекан“ беше да се уништи капацитетот за нуклеарно збогатување на режимот и да се запре сериозната нуклеарна закана што претставува за САД, Израел и остатокот од светот“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Иранскиот шеф на дипломатијата вели дека нема договор за ресетирање на преговорите со САД, но потврди дека нивото на штета на нуклеарните постројки по американскиот напад е високо. Во ием на националната безбедност, по 12-дневниот конфликт со Израел, иранските власти почнаа масовна акција на апсења и погубувања на лица осомничени за поврзаност со израелските разузнавачки служби.
„Во моментов нема никаков договор за рестартирање на преговорите. Го кажувам ова отворено, не е договорено никакво закажување, не е дадено никакво ветување, а ние дури и не сме разговарале за рестартирање на разговорите. Во оваа војна, Американците ги направија преговорите покомплицирани“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Во Газа пак состојбата непроменета. За 24 часа десетици жртви во нападите. Раселените се обидуваат да преживеат ден за ден. Стејт департментот одобри 30 милиони долари за приватната организација која обезбедува хуманитарна помош за енклавата.
„Одобривме финансирање од 30 милиони долари за Хуманитарната фондација Газа и ги повикуваме другите земји да ја поддржат. Од првиот ден, рековме дека сме отворени за креативни решенија кои безбедно обезбедуваат помош за оние во Газа и го штитат Израел“, рече Томи Пигот, заменик-портпарол на Стејт Департмент.
ЕУ бара итно решавање на хуманитарната состојба во Газа.
„Повикуваме на итен прекин на огнот во Газа и продолжување на хуманитарната помош, бидејќи ова е најдраматичната хуманитарна и политичка ситуација и најголемата вонредна состојба во регионот“, нагласи Емануел Макрон, претседател на Франција.
„Интензивно разговаравме за различни опции за тоа како можеме да влијаеме, заедно со САД, врз Израел да постигне прекин на огнот“, рече Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Висок функционер на Хамас уверува дека посредниците ги засилиле напорите за посредување во нов прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците во Газа, но дека разговорите со Израел и натаму се во застој.
Маријана Димовска
