Радожда: Од рибарско село до атрактивна туристичка дестинација
Рибарската населба Радожда, сместена на крајниот запад од струшката ривиера, на самата граница со Aлбанија, допрва ќе ги реализира визиите за развој на туризмот. Иако ги има сите природни услови за туризам, недостигот од сместувачки капацитети ги задржуваат гостите само на еднодневни посети на убавините...

Радожда, на локалниот струшки дијалект значи раѓање. Ова име и прилега на малата рибарска населба на крајниот запад од охридскиот брег, на самата граница со Албанија. Првите куќи се огледуваат во бистрите води на езерото кое токму овде е најбогато со риба. Планината ја галат водите на Охридското езеро, па ќе помислите- тука се родила самата природа. Можеби од тука и името на населбата. Од овде најубаво се гледа и раѓањето на новиот ден.
„Дека била Радожда порано село горе кај што е Св. Богородица црквичката, тоа е докажано можеби ѕидови уште стојат таму, па некогаш поради езерово слегле подолу“, ни раскажа дедо Крсте.
„Јас сум навистина изненадена не само од Радожда туку од цела Македонија, затоа што тука видов многу планини но едно е сигурно дека ова нема да ми биде последната посета, ќе се вратам уште еднаш“, изјави туристка од Полска.
„Навистина сум изненаден од сета оваа природна убавина, многу планини, езеро и сето тоа ме воодушевува едноставно“, вели турист од Полска.
Радожда е место кое што ги остава луѓето без здив, им го враќа спокојот и мирот. Тишината ја разбиваат ветрот и брановите и ве потсетуваат дека рајот на струшкото крајбрежје можеби е токму тука. За разлика од повисоко- комерцијализираните Пештани и Трпејца, Радожда ќе ви пружи поинтимна атмосфера на спој со длабоките води , на рибарите, на мештаните кои љубоморно го чуваат ова парче недопрен рај во Македонија за себе. Овде доаѓаат туристи кои сакаат да уживаат токму во тој мир и во таа убавина.
„И пред 30 години кога прв пат бевме овде како ништо да не се променило. Природата останала иста а македонското гостопримство е се уште присутно“, вели еден турист од Србија.
Радожда не е ништо поразлична од сликовитите села на Азурниот брег, освен едноставноста на домаќините кои ќе ви понудат богата трпеза и превкусно подготвена риба, штотуку уловена, и сето тоа со широка насмевка која идното лето повторно ќе ве врати овде.
„Идат луѓето, слушнале за Радожда, ги бендисала Радожда, прво како средина, како село, потоа поради Охридската пастрмка бидејќи нашите ресторани мислам, не само мислам туку и тврдам дека ја спремаат најдобро на целово крајбрежје“, изјави угостителот Крсте Бакрачески.
Радожда е позната и по пештерската црква Св. Архангел Михаил која е всадена во самата карпа надвисната над селото- доказ дека овој предел многу одамна бил жив, организиран, населен.
Со кампањата за туризам, како и со се поголемата заинтересираност на странците за рурален туризам, Радожда може наскоро да стане многу барана туристичка дестинација.
Ако некогаш беше само обично рибарско село, со објекти за одмор на работничката класа, визијата на Радожда денес допира многу подалеку.
Јованчо Наумоски
