Македонија

Во Кочани двојно помалку пожарникари од потребното

27.06.2025 19:27

Топлиот период од годината е со зголемен ризик од пожари. Каква е подготвеноста на пожарникарите во Кочани, како се опремени, ги има ли доволно?

Во последните 24 часа во источниот регион неколку поголеми пожари беа закана за безбедноста. Светиниколската единица интервенираше на пожар во нива во атарот на село Амзабегово, штипските пожарникари гасеа пожар кој се закануваше да ја зафати живинарската фарма, а во Делчево ноќеска се интервенираше на пожар во кој целосно изгоре стан на Булевар Македонија. Противпожарните единици на истокот работат со дефицит на пожарникари.

Најизразен е проблемот во Кочани каде според стандардите треба да има 33 пожарникари. Во моментот има 17.

Проблем со недостиг на пожарникари и ресурси има и во Берово.

Градоначалникот смета дека мирно лето во однос на пожарите ќе имаме со подигање на колективната свест, но и со строги казни.

Минатото лето на истокот имаше дваесеттина шумски пожари на над 800 хектари, како пожарот во Русиново-беровско, потоа на Плачковица кај Карбинци, имаше пожари и кај Голак, Делчево и во виничко, како големиот пожар на планината Серта.

Славица Величковска