Евроинтеграции

Јазикот и идентитетските прашања не се на преговарачка маса, тврди Муцунски

27.06.2025 16:13

Вистината не е говор на омраза, Муцунски со порака до Софија за наводите дека македонските власти не внимаваат во изразувањето. Предупредува дека Софија користи опасен наратив, да задоволи апетити на други земји. Јасни црвени линии од кои нема да отстапиме - македонскиот јазик, идентитетските обележја, нашето културно и историско минато, вели шефот на дипломатијата...

„Јасни црвени линии од кои нема да отстапиме-македонскиот јазик, идентитетските обележја, нашето културно и историско минато“, вели шефот на дипломатијата Муцунски, по последните изјави од Софија за уставните измени, кои се услов за евроинтегративниот пат на земјата.

По изјавата на бугарскиот премиер Жељазков на средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека македонските власти користат говор на омраза, Муцунски оцени дека не е точно, но постои многу опасен наратив од Софија.

Како членка на НАТО, Македонија ќе одвојува буџет за одбраната од пет проценти од БДП до 2035-та, најави шефот на дипломатијата.

Стратешкото партнерство со САД останува еден од постулатите на македонската надворешна политика. Со новата администрација во Белата куќа се разговара за договор за царините, што наскоро ќе биде постигнат, објави шефот на дипломатијата.

Ирина Гелевска