Мицкоски: За развој, на Владата ѝ требаат точни податоци
Граѓаните во Македонија одново ќе се пребројуваат. Откако Уставниот суд ги укина зборовите- резидентно и нерезидентно население, премиерот вели со оваа методологија треба да се спроведе нов попис по електронски пат. Но, под услов да се прифати една изборна единица…

Не може да ја развиваме државата врз основа на лажни податоци за развој државата, на Владата ѝ се потребни вистинити бројки-премиерот Христијан Мицкоски го реафирмира ставот за вонреден електронски попис на населението догодина, со вклучување на дијаспората како една изборна единица, откако Уставниот суд ја прогласи за незаконска категоризацијата на резидентно и нерезидентно население, направена во рамки на последниот попис во 2021-ва година.
Пописот беше незаконски, ДУИ во соработка со СДСМ одлучиле методологијата за попис на населението да биде спротивна на Уставот и лажно тврдеа дека тоа го барале од Евростат, став на министерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи. Тој побара и кривична одговорност од тогашниот директор на Заводот за статистика, за кого Уставниот суд веќе констатираше дека ги пречекорил своите овластувања.
И премиерот Мицкоски очекува како политичка, така и кривична одговорност, за незаконски и неуставно спроведениот попис.
Уставниот суд, на последната седница, укина дел од методологијата користена во пописот во 2021-ва година. Од таму оценија дека тогашниот директор на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризација на резидентно и не резидентно население, за што немал законски овластувања.
Марија Котовска
