Блиски Исток

Иран ги оплакува загинатите во војната

28.06.2025 12:23

Бесмислено и злонамерно – иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи ги отфрли барањата на генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси за посета на нуклеарните објекти. Во Техеран се одржаа државни погреби за високите воени офицери и научници, убиени во израелските напади за време на 12-дневната војна.

Илјадници ужалени Иранци излегоа на улиците во Техеран да им оддадат последна почит на шефот на Револуционерната гарда и други врвни команданти и нуклеарни научници убиени за време на 12-дневната војна со Израел. По примирјето Израел – Иран, во средата, иранскиот Парламент изгласа привремено прекинување на соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија. Иранското МНР вели дека е бесмислено и злонамерно инсистирањето на генералниот директор Гроси да ги посети иранските нуклеарни објекти. Во однос на преговорите Вашингтон – Техеран, шефот на иранската дипломатија вели дека очекува најпрвин Трамп да го почитува врховниот лидер Хамнеи.

„Ако претседателот Трамп е искрен во желбата за договор, тој треба да го остави настрана непочитувачкиот и неприфатлив тон кон Врховниот лидер на Иран, големиот Ајатолах Хамнеи, и да престане да ги повредува неговите милиони искрени следбеници“, објава на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.

Американскиот Сенат вчера го отфрли предлогот на демократите да се спречи претседателот во иднина да употреби воена сила против Иран без одобрение од Конгресот. За Техеран, американскиот претседател вели дека последното нешто за кое размислуваат во моментов е збогатениот ураниум. Трамп навести дека следна недела би можело да се случи долгоочекуваното примирје во Газа.

„Мислиме дека следната недела ќе добиеме прекин на огнот. Како што знаете, ја снабдуваме областа со многу пари и многу храна затоа што мораме. Ние не сме инволвирани во сето тоа, но луѓе умираат. Погледнете ја таа толпа луѓе без храна, без ништо“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Генералниот секретар на Обединетите Нации одново повика на итен прекин на огнот во Газа, предупредувајќи дека хуманитарната криза достигнала ужасни размери. Гутереш повтори дека само договорено политичко решение може да донесе траен мир во регионот.

„Конфликтот меѓу Израел и Иран доминираше во насловите. Но, не можеме да дозволиме страдањето на Палестинците во Газа да биде турнато во сенка. Постигнатото примирје меѓу Иран и Израел нуди надеж. А надежта е попотребна од кога било. Затоа е време да се најде политичка храброст за примирје во Газа. По терористичките напади на Хамас на 7 октомври – кои недвосмислено ги осудив – израелските воени операции создадоа хуманитарна криза од ужасни размери“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединети нации

И покрај повиците за примирје, нападите продолжуваат. Министерството за здравство, управувано од Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени откако Хуманитарната фондација Газа ја презеде дистрибуцијата на помошта за погоденото население.

 

Маријана Димовска