Струмица

Заштита на Моноспитовското блато

29.06.2025 14:33

Шведски и македонски научници и екологисти ќе бидат вклучени во изработка на студија која ќе биде основа за прогласување на Моноспитовското мочуриште како заштитено подрачје со соодветно законско решение. Целта е да се заштити овој природен резерват кој се протега на околу 250 хектари.

Со поддршка на Шведската агенција за заштита на животната средина ќе се изработува Студија за ревалоризација на Моноспитовското блато со цел да се носи закон за негово прогласување како заштитно подрачје. Ова мочуриште со богата флора и фауна со години се уништува со што се загрозува биодиверзитетот иако може да биде мека за алтернативен и научен туризам.

Моноспитовско блато се наоѓа во подножјето на планината Беласица и опфаќа површина од околу 400 хектари, од кои околу 250 хектари се под вода и трска. Проектот се реализира во соработка со Министерството за екологија и општините Босилово, Ново Село и Струмица.

Моноспитовското блато изобилува со ретки и уникатни растенија како и над 140 различни видови птици. Таму своевремено беа изградени патеки и куќички за посета и следење на биодиверзитетот.

Ване Трајков