Куманово

Во училиштата недостигаат речиси 700 првачиња

28.06.2025 13:27

Во кумановските училишта фалат дури 700 првачиња. Надлежните велат продолжува трендот на масовно иселување во западно европските држави.

Загрижувачки податоците по уписот во прво одделение. Во кумановските училишта недостигаат речиси 700 првачиња. Според евиденцијата на Министерството за внатрешни работи оваа учебна година треба да се запишат 1.534 ученици во прво одделение, родени во 2019 година. Досега се запишани само 850, информира Секторот за образование. Сепак од секторот со надеж, бројот ќе се зголеми до почетокот на учебната година. Но потенцираат, ниту Куманово не е исклучок од трендот на миграција.

„Секоја учебна година бележиме и отпишани ученици. Во учебната 2024/2025 година во основните училишта, се отпишани вкупно 170 ученици или 1,76 отсто од вкупниот број на запишани“-велат од Секторот за образование при Општина Куманово.

За разлика од минатото, значаен е бројот на иселување на цели семејства, па затоа и бројките се, се поголеми.

„Бараат подобар живот, егзистенција и подобар живот за своите дечиња“, вели една кумановка.

„Ние се прашуваме самите мајки зошто нашите деца бегаат во странство. Затоа што немаат егзистенција, не се вработуваат“, вели друга кумановка.

Вообичаено најмногу ученици се запишуваат во централните училишта. Најмал е бројот во селата. Но не сите рурални подрачја имаат проблем со број на ученици.

„Имаше на список 19 ученици, запишани се 12. Иселени се од државата шест ученици, во Австрија, Германија. Трендот за иселување од државата во европските земји продолжува за жал“, истакна Мирослав Димевски, директор ОУ „Карпош“ с. Умин дол, кумановско.

Во Куманово функционираат 16 основни училишта.

Од вкупниот број на запишани во градот се 608 ученици, а во селата 242 ученици.

Предизвик е и функционирањето на паралелките во погорните одделенија..

Елена Георгиевска