Одлуката на Уставен отвори дебата за пописот
Одлуката на Уставен за укинување на делови од методологијата за пописот, за категориите „резидентно“ и „нерезидентни“ население отвори дебата во јавноста – дали на земјава и е потребен нов вонреден попис, што може да се спроведе електронски. „Знам“ ја поздрави идејата на премиерот Мицкоски, „Вреди“ тврди дека претходниот попис бил манипулиран, ДУИ препозна координиран обид за ревизија на резултатите.

Движењето „Знам“ ја поддржува идејата на премиерот Мицкоски да се спроведе електронски попис за да се приберат соодветни евиденции за населението и другите индикатори кои се важни за економскиот, социјалниот развој и инфраструктурата. Според нив, со одлуката на Уставниот суд нема да се промени методологијата за вработувањата на етничките заедници според резултатите од последниот попис, а нема да влијае ниту на бројот на советници по општините.
Од „Вреди“ ги обвинија ДУИ и СДСМ дека со нивен потпис, Државниот завод за статистика бил трансформиран во инструмент за манипулација, делејќи ги Албанците на „резиденти“ и „нерезиденти“ за од пресметката да биде исклучена дијаспората.
За најавите за нов попис остро реагираа од ДУИ – за нив, ова е координирана кампања за дискредитација на последниот попис кој бил по сите стандарди.
„Оваа кампања не е случајна. Таа е дел од поширок обид за ревизија на сите постигнувања од последната деценија, за организирање нов попис, според нови политички агенди, со цел враќање на системската нееднаквост.“, соопштија од ДУИ.
Премиерот Мицкоски рече дека електронски попис може да се направи врз основа на вкрстување на десетина референтни бази на податоци и според насоките на Еуростат. Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Македонија има капацитет да спроведе дигитален попис во 2026 година.
Игор Панов
