Велес

Поплаки за смрдеа од околната биогасна централа во Градско

28.06.2025 17:21

Во летните вечери седат дома со затворени врати и прозорци – жители на Градско се жалат на смрдеата, за која тврдат дека доаѓа од околната биогасна централа. Стравуваат од здравствени последици по нивните деца. Тие случајот го пријавувале во Инспекторатот за животна средина, по што следувале вонредни инспекции. Менаџментот на централната негира дека непријатната миризба доаѓа од капацитетот.

Жителите на населбата Стопанство и дел од Градско, реагираат на смрдеата, која посочуваат дека доаѓала од блиската биогасна централа. Тие велат дека ваквата состојба била од првиот ден на отворањето на инсталацијата, пред две години. Мештаните се жалат дека мора да седат дома овие летни вечери, со затворени врати и прозори, за да се заштитат од неподносливата смрдеа но и инсектите кои биле присутни. Реагираат дека тие можат да шират зараза а миризбата им создава здравствени проблеми, посебно на децата.

Посочуваат дека поради лошата реа, се намалил бројот на свадби во блискиот ресторан, имало секој викенд по две, сега една или две месечно. Надлежен државен инспектор за животна средина, во три наврати, по реакции на засегнати страни, направил три вонредни инспекции. Последната на 27 март годинава.

„Елаборатот за заштита на животната средина утврдува посебен акцент на утовар и транспорт на ѓубривото од фармите до централата за биогас, утовар и транспорт на ѓубрето, цврста и течна фракција по завршениот процес до нивите, активност која има влијание на појавата на непријатна миризба по околината.“ – констатирал надлежниот државен еко-инспектор.

Менаџментот на Биогасната централа негира дека непријатната смрдеа потекнува од нив.

Биогасната централа Вардар био процес прави редовни лабораториски испитувања на емисиите и загадувачки супстанции во отпадните гасови и пара во воздухот, за кои постојат законски обврски. Сите испитувања на измерените концентрации направени од акредитирани лаборатории, укажуваат дека не постои надминување на ниту една од дозволените гранични вредности. Работниот режим е идентичен и непроменлив во текот на денот и ноќта, не се извршуваат никакви активности во вечерните часови, различни од дневните. Евентуална појава на непријатна миризба во околината, со изразена периодичност во вечерните часови, не може да потекнува од Биогасната централа.“, стои во сооштението од Биогасна централа „Вардар Био-процес“

Жителите на населбата Стопанство и дел од Градско, овие летни месеци мора да престојуваат дома, на затворено, бидејќи смрдеата и инсектите не им дозволуваат престој надвор.

 

Петар Печков