Градското пристаниште во Охрид претесно за бродската флота
Градското пристаниште во Охрид кое е изградено на почетокот на минатиот век е веќе претесно за охридската бродска флота. Поради тоа според сопствениците на бродови се доведува во прашање безбедноста на пловилата и патниците. Тие бараат проширување на пристаништето и изградба на марина за едрилици на друга локација.

Во изминатиов период се расчистуваше езерското дно од тиња, наталожен песок и камења кај Градското пристаниште, а деновиве тој процес ќе се заокружи и на пристаништето во Свети Наум. Тоа ќе овозможи поголема безбедност на бродовите и зголемување на капацитетот на пристаништата. Сепак бродарите укажуваат дека тоа е краткотрајно решение, бидејќи пред три децении во Охрид имаше два поголеми брода, сега нивниот број е шест, а наредната година се очекува во употреба да се пуштат уште два. Според нив на двете пристаништа нема нормални услови за одвивање на водниот сообраќај, особено при прием на патници.
„Проширување да можеме и подобро да оперираме и бродовите да бидат заштитени на зима кога има невремиња. Ние возиме претежно постари луѓе, западњаци, Германци, Норвежани. Се качуваат преку три брода, тоа е катастрофа невидена, се чудат“, изјави Зоран Гилески – капетан на брод.
Капетаните на бродови укажуваат дека конечно треба да ги усвоиме западните стандарди, бидејќи во моментов на пристаништата е небезбедно и за бродовите и за патниците.
Покрај проширување на пристаништата тие сметаат дека е потребна посебна марина за едрилиците.
„Солун секој бил, за бродови си е за бродови, има идентификација таму, бродовите се вредни работи. Марина за едрилиците, ете за пример да ви дадам. Тука доаѓа бродот треба да паркираме, од тие 2-3 едрилици, денеска е северен ветер, нека се паркира некој место мене ако може, а да не оштети едрилица“, изјави Васил Јанески – капетан на брод.
Бродовите не се само наше лично богатство, туку и на Охрид и Македонија, бидејќи се една од најголемите атракции за туристите, велат бродарите. Затоа очекуваат државата што поскоро да го реши овој проблем.
Сашо Нелоски
