Белград

Повредени и приведени во жестоките протести во Белград

29.06.2025 11:43

Повредени и десетици приведени по вчерашните протести во Србија, кои ескалираа во судири со полицијата со употреба на камења, шишиња, факели, солзавец. Власта го осуди насилството, студентските протести прераснаа во граѓански со единствено барање за избори.

Во тензична атмосфера, со камења, петарди, шишиња и солзавец помина протестот во Србија под слоганот „Се гледаме на Видовден“. Властите приведоа демонстранти, има повредени.

„При нарушувањето на јавниот ред и мир повредени се 48 полициски службеници. Еден од нив има тешки телесни повреди, повреда на главата, најверојатно од камен фрлен кон полицијата. Од овој непријавен јавен собир, приведени се 77 лица, од кои едно лице е малолетно. Задржани се 38, а против 35 ќе бидат поднесени кривични пријави, а прекршочни пријави против 26 лица. 22 граѓани се пријавиле за укажување на лекарска помош, од кои две лица добиле тешки телесни повреди“, изјави Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија.

Премиерот ги повика сите засегнати страни да ги смират тензиите и да се однесуваат одговорно. Не можете да ја победите Србија со насилство, Србија никогаш нема да запре, рече претседателот Вучиќ.

„Седум месеци трае теророт, делата на луѓето кои го зедоа законот во свои раце, го фрлија под нозе. Синоќешната порака, имате зелено светло е директен повик за граѓански судири и напади на полицијата. Од Јавното обвинителство бараме да си ја работи својата работа, да не се прават наивни. Нема да потпишам кој било вид помилување за оние што 500 пати ги предупредивме да не учествуваат во насилствата“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Големиот собир во Белград против претседателот Вучиќ, беше свикан за да се поддржи барањето за предвремени парламентарни избори.

„Нема да се откажеме. Сакаме да го собориме Вучиќ и да дојде кој и да е“, рече демонстрантка.

„Очекувам дека ќе се исполни ултиматумот што го дадоа студентите“, рече демонстрант.

Студентите претходно објавија ултиматум до Владата да распише вонредни парламентарни избори и да го прекине собирот што се одржува веќе неколку месеци во Пионирскиот парк и пред Народното собрание за продолжување на универзитетската година.

„Со нивниот храбар и мирен бунт, студентите не обединија сите нас во заедничка мисија, да ги зачуваме институциите, правдата и правото на различно мислење“, изјави Владан Ѓокиќ, ректор на Универзитетот во Белград.

Паралелно пред српската влада поддржувачите одржаа „литературна вечер“.Протестите во соседството траат од ноември лани, по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 16 лица, од кои и еден македонски државјанин.

 

Маријана Димовска