Жртви во сообраќајка во Грција со македонски камионџија
Страотна сообраќајна несреќа со македонски државјанин во Грција. Наш камионџија се судрил со автомобил на четиричлено семејство. Загинале таткото и синот. Камионџијата бил приведен, па ослободен.

Ослободен е македонскиот возач на камион кој беше уапсен по сообраќајната несреќа во која животот го загубија две лица, татко и син, а се случи на стариот пат Солун-Верија, близу до Халкидона.
Автомобилот во кое се превезувало четиричлено семејство удрил во товарното возило кое го управувал 34-годишниот Македонец. Во несреќата загинале 44-годишен маж и неговиот 13-годишен син, а неговата сопруга и другиот деветгодишен син се здобиле со полесни повреди.
Македонскиот државјанин видно потресен за грчката телевизија раскажа што се случило.
Возачот на камионот бил изведен пред јавен обвинител и потоа со усна наредба ослободен. На местото на несреќата, итната медицинска помош од Солун интервенирала со две возила, седум спасувачи и еден лекар, а противпожарните единици со девет пожарникари и три возила.
Александра Велинова
