Израел нареди нова евакуација во северна Газа
Нападите низ Газа продолжија. Израел побара нова евакуација на северот. По 12-дневниот конфликт Тел Авив – Техеран, Нетанјаху вели дека ќе мора да се реши и прашањето со Хамас. Во екот на заканите од верските водачи, Трамп одново потенцираше дека Иран не може да има нуклеарно оружје...

Израел нареди нова евакуација во северна Газа. Нападите низ целата територија продолжија, расте црниот биланс. Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека постојат регионални можности по неодамнешното примирје меѓу Израел и Иран по 12 дневниот конфликт.
„Сакам да ве информирам дека отворивме многу нови можности како резултат на оваа победа. Секако, ќе мора да го решиме и прашањето со Газа, да го победиме Хамас, но проценувам дека ќе ги постигнеме обете задачи“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Според проценките на израелските безбедносни служби, се верува дека околу 20 заложници се уште се живи, додека Хамас и други милитантни групи во Појасот Газа, ги држат телата на убиените заложници. Претседателот на САД, повика на напредок во разговорите за прекин на огнот во 20-месечната војна во Газа и постигнување на договор. Трамп одново ја потенцираше успешната акција во Иран.
„Би рекол дека Иран не може да има нуклеарно оружје. Тие го сакаа тоа со години, а беа на неколку недели од тоа да го добијат. И затоа пилоти влегоа таму со тие прекрасни авиони и најсофистицираните бомби“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Иран има индустриски и технолошки капацитети, вели директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија.
„Искрено кажано, не може да се тврди дека се исчезнало и дека таму нема ништо. Јасно е дека имало сериозна штета, но тоа не е целосна штета. Иран има индустриски и технолошки капацитети. Значи, ако сакаат, ќе можат повторно да почнат да го прават ова“, иstakna Рафаел Маријано Гроси, генерален директор на МААЕ.
Во меѓувреме не запира жестоката реторика меѓу верските лидери на Иран и американскиот претседател. Ирански шиитски свештеник издаде „фатва“ против Трамп и Нетанјаху, што според познавачите е поттик за тероризам.
Маријана Димовска
