Култура

Концерт на Георги Шаревски трио вечерва на Скопско лето

30.06.2025 10:46

Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури.

Вечерва во Сули ан, во рамки на Скопко лето, со почеток од 20:30 часот ќе се одржи џез концерт на Ѓорги Шаревски трио- извонредна интеркултурна соработка, каде што триото на Георги Шаревски се обединува со еминентниот јапонски тапанар Акира Накамура за динамичен настап што умешно ја обединува источната прецизност со европската џез естетика.

Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури. Со приклучувањето на Накамура и неговиот изразен ритмички јазик и смела импровизациска визија, овој исклучителен настап претставува возбудливо музичко патување исполнето со спонтаност, експлозивна енергија и бесконечен грув.

Публиката ќе има можност да слушне внимателно избрана програма составена од авторски композиции, кои ги прошируваат хоризонтите на современито џез израз.

Георги Шаревски е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, во кој на иновативен и суптилен начин ги обединува богатите балкански ритми со елементите на џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонска структура и суптилна техничка виртуозност. Со досега објавени девет авторски албуми, Шаревски гради плодна кариера како соло артист, но и како соработник со врвни музичари од Македонија, Балканот и пошироко. Неговите проекти често ја надминуваат жанровската ограниченост, при што се чувствува силно влијание од традицијата, но и јасна визија за современото музичко изразување.

Оливер Јосифовски е истакнат контрабасист, композитор и продуцент со уникатна уметничка визија, кој повеќе од две децении ја обликува македонската музичка сцена. Неговиот музички јазик се движи меѓу корените на традиционалната македонска музика и слободата на џезот, со авангардни и експериментални елементи кои му даваат оригиналност и длабочина. Како коосновач на култната група „Љубојна“, Јосифовски има клучна улога во создавање на современ пристап кон етно музиката, внесувајќи нов дух и енергија во изведбата на македонското музичко наследство. Покрај работата со бендот, тој има богата кариера како композитор на музика за театарски претстави, филмови и телевизиски проекти, каде што неговиот препознатлив стил доаѓа до израз преку експресивноста и атмосферата што ја создава.

Роден во Окинава, Јапонија, Акира Накамура е професионален тапанар, музички продуцент и композитор. По дипломирањето на престижниот Berklee College of Music, ја започнува својата кариера во САД, а подоцна настапува низ Германија, Кина и Јапонија, свирејќи во жанрови како џез, поп и фанк.