Гаспром ја намалува цената на гасот за Европа
18.08.2014 12:35
На Гаспром не му одговара да го загуби својот дел од пазарот. За првпат по шест години корпорацијата забележа чиста загуба во вториот квартал од 207 милиони долари...

Рускиот енергетски гигант Гаспром е подготвен да ја намали цената на природниот гас за европските потрошувачи. Менаџментот на компанијата се плаши од новите меѓународни санкции и од засилена конкуренција на европскиот пазар.
На Гаспром не му одговара да го загуби својот дел од пазарот. За првпат по шест години корпорацијата забележа чиста загуба во вториот квартал од 207 милиони долари, пишува „Руска реч“.
Главна причина за лошиот финансиски резултат е издвојувањето резерви за сомнителниот долг од околу 5,1 милијарди американски долари. Станува збор за нафтената компанија „Нафтогас на Украина“ која го нема платено рускиот гас, кој и бил испорачан во периодот од ноември до декември 2013-та и за април и мај 2014-та година.
Загубата според експертите, ќе влијае негативно врз дивидендата за акционерите на Гаспром за 2014-та и се очекува таа да биде намалена за 10%.
