Продолжуваат блокадите и протестите низ Србија
Блокади и протести во Србија. Синоќа блокиран цел Белград и сите мостови, блокирани 20 градови. Блокадите утринава разбиени, но најавени се нови…

Во Србија и во Белград продолжуваат блокадите и апсењата, а синоќа во знак на револт на бројните апсења и неисполнување на барањата за предвремени избори беше блокиран цел Белград како и 20 други градови. Блокади се најавени и за денес.
Синоќа до раните утрински часови граѓаните и студентите во блокада ги блокираа за сообраќај сите мостови во Белград, од Бранковиот мост до Панчевачкиот мост, главните сообраќајници на Славија, Автокомонда, Земун, Чукарица, Вождовац, Зелени Венац, булеварите на Крал Александар, Кнез Милош, Немањина и во сите Белградски општини. Во Белград не функционираше сообраќајот и движењето низ него беше возможен само пеш.
„Јас сум од Суботица, но еве со куферите сум тука да дадам поддршка во блокирањето на Бранков мост и ќе бидам тука до 5 и 6 часот сабајле. Блокиран е цел Белград, како и Суботица, Нови Сад, ја блокиравме цела Србија и ќе биде блокирана додека некој не ни одговори на нашите барања кои ги бараме со месеци. Ние ја трошиме нашата енергија од причина што некој мора да одговара за смртта на 16 луѓе во Нови Сад“, изјави студент во блокада.
Покрај Белград, беа блокирани сообраќајниците и во Ниш, Нови Сад, Крагуевац и во 20 поголеми градови. Беа бликрани и магистрални патишта, од Ужице кон Златибор.
Како што соопшти полицијата, во текот на ноќта, сите блокади во Белград беа отстранети, а повеќе лица беа приведени поради напад и навреди на полицијата и нарушување на јавниот ред.
На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како полицијата брутално во налет со возила ги напаѓа граѓаните што блокираа.
Блокади се најавени и за денес. Претпладнево беше повторно блокирано Панчево, Земун и Дорчол во Белград, по што истите беа разбиени, но граѓаните повторно се организираат и блокираат на други места по градот.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
