Втора шанса за упис во средните училишта
Втора шанса за упис во средно. Почна пријавувањето за вториот уписен рок. Има уште 16.034 слободни места. Во гимназиите има 3.727, во стручните стручно образование 12.307 места.

Полуматурантите денеска електронски се пријавуваат за вториот уписен рок во средните училишта, а утре ќе ги поднесат документите. Се зголемува интересот за стручните училишта споредено со гимназиските. Последниве три години во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ двојно е зголемен бројот на ученици.
Најмногу пријавени во струката готвач и таму сите места се пополнети. Остануваат 60 слободни места во струките пекари, месари, келнери.
Во средното економско-правно училиште „Васил Антевски Дрен“ во Скопје во првиот уписен рок примени се 410 ученици, остануваат уште 62 слободни места. Современото општество учениците ги насочува кон современи професии, па најголем е интересот за дигитален маркетинг.
73 слободни места на македонски јазик и седум на турски јазик има во вториот уписен рок во едно од најголемите училишта, гимназијата „Јосип Броз-Тито“.
За второто јунско пријавување има слободни 16.034 места за упис на ученици. 3.727 слободни места за гимназиско и 12.307 за стручно образование.
Александра Велинова
