Курдските сили ја презедоа контролата на најголемата брана во Ирак
Стотици илјади луѓе бегаат пред сунитските милитанти коишто немаат милост ниту за муслиманските шиити. Целта им е воспоставување исламски калифат од Турција, преку Африка и Балканот до Шпанија...

Курдските сили на Пешмерга поддржани од американската авијација ја презедоа контролата врз најголемата ирачка брана северно од Мосул, од џихадистите на Исламската држава, коишто ја освоија пред десетина дена.
Браната е мошне важна за животот во оваа област и е неопходна за наводнување на земјоделските површини, а на џихадистите би можела да им овозможида ја користат како стратешко оружје, односно да ги поплават поголемите градови.
„Браната Мосул е од мојата лева страна. Близу е, а она е ридот каде што е браната. Браната е од големо значење. Важна е за животот во оваа област, за вода за пиење, за земјоделските култури. Ако џихадистите ја турнат браната, тогаш Мосул, Багдад и други места ќе бидат уништени и нема повеќе да постојат“, изјави член на Пешмерга.
„Навистина сум среќен што се вратив дома, но нема вода, а дел од градот нема струја“, рече Шабаб Ахмед, бегалец.
Светот го преплавија извештаи и слики од незамисливите ѕверства што ги вршат членовите на самопрогласената терористичка Исламска држава којашто дејствува во Сирија и во Ирак.
Стотици илјади луѓе бегаат пред сунитските милитанти коишто немаат милост ниту за муслиманските шиити. Целта им е воспоставување исламски калифат од Турција, преку Африка и Балканот до Шпанија.
Претходно во медиумите се појави фотографија на која се гледа како некој држи мобилен телефон со слика од црното знаме на Исламската држава, а под него пишува дека терористите стигнале до Америка и дека се блиску до целта.
За само неколку месеци, џихадистите успеаја да го наметнат сега веќе од најкрволочните режими на светот. Познавачите тврдат дека Исламската држава лесно би можела да се претвори во далеку поголема закана од Ал Каеда.
Марина Автовска
