Евроинтеграции

Ризик од билатерализација на пристапниот процес

30.06.2025 16:36

На средбата со еврокомесарката Марта Кос, македонските претставници ќе го покренат прашањето за гаранции од Софија, по уставните промени да нема нови условувања по основа на билатералани прашања. Првиот човек за преговори, министерот за европски прашања Муртезани вели, 150 институции и над 800 експерти ќе учествуваат во подготовката на преговарачките позиции со ЕУ...

Брисел и Софија имаат различни барања за Македонија да почне отворање на поглавја. Сите европски претставници велат, за отворање поглавја потребно е само да направиме уставни промени, но Бугарија сака уставни промени и протоколите меѓу кои и вториот во кој има билатерални барања и можат да станат нова пречка, вели министерот за европски прашања Муртезани. Ова е една од темите на разговорите и со еврокомесарката Кос.

За исполнување на преговарачката рамка, за да се отвори првиот кластер поглавја темели, во последна фаза на подготовка се патоказот за владеење на правото и патоказот за јавна администрација, а доставен е патоказот за демократски институции и човекови права. Сепак, некои министерства до јуни не си ја завршиле домашната задача, па се доцни со реформската агенда.

За спроведување на реформите, ЕУ одвои 750 милиони евра за Македонија од планот за раст на Западен Балкан.

Преговарачката структура е целосно ревидирана согласно со новиот пристапен процес предводен од Министерството за европски прашања, но во кој учествуваат 150 институции и над 800 експерти од јавната администрација.

Ирина Гелевска