Филипче: Декларативни заложби за интеграцијата
Според Филипче, владата покажала неспособност преку неискористување на 43 милиони евра од реформската агенда, дури не успеала да го обезбеди и првиот аванс од 52 милиони евра од Планот за раст.

Резултатите и политиките кои се носат јасно укажуваат дека владата на Мицкоски го има напуштено патот кон Европската унија – вели лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче. Во Берлин лобирав за неутрална формулација во извештајот во однос на македонскиот јазик, но треба заедно да се вложиме во лобирањето, посочува првиот социјалдемократ.
Според Филипче, владата покажала неспособност преку неискористување на 43 милиони евра од реформската агенда, дури не успеала да го обезбеди и првиот аванс од 52 милиони евра од Планот за раст.
„Македонија во очите на други држави е перципирана како држава која поддржува геополитички и регионални интереси на држави како Србија, Унгарија, Русија и Кина. Дали со ваквите показатели европската интеграција останува само декларативна заложба на владата на ВМРО-ДПМНЕ“, прашува Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ со жестока реакција на Филипче.
„Филипче беше дел од структурата што го излажа народот дека сме добиле датум за преговори, тврдеше дека Бугарите се само администратори, ја продаде државата додека глумеше дека ја брани, изгуби милиони евра европски пари кои денес се гледаат во патишта, водоводи и реални проекти“, велат од партијата.
Ако нешто е јасно, тоа е дека со Венко Филипче и СДСМ, Македонија повторно би се вратила во времето на лаги, клиентелизам и политичка проституција со сопствените национални интереси –велат во ВМРО-ДПМНЕ.
Миле А. Ристески
