Обвинувања за тендери во МВР
Власта и опозицијата во клинч за тендерите во МВР. СДСМ и денеска бара одговори, како зделката за организирање возачки испити во пелагонискиот регион завршила кај новооснована фирма на функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Министерот Тошковски вели, нема ништо спорно, но посочува дека тендерот за полигонот го добила моќна фамилија, поврзана со СДСМ…

СДСМ да каже дали фирмата која стопанисува со полигонот во Ресен е во сопственост на нивен партиски член, а врз основа на која е доделен огласот за испитен центар во Пелагонскиот регион. Вака возврати министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на СДСМ, откако вчера обвинија дека во пелагониско МВР доделил доходовен бизнис на функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ и денеска реагираше. Од таму тврдат дека фирмата што го добила тендерот за испитен центар во пелагониско била регистрирана само три месеци, без какво било искуство. Затоа ги повикаа надлежните да реагираат.
„Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет и да го испита целиот процес. Основното јавно обвинителство да поведе постапка по допрен глас. Македонија не смее да биде плен на организиран партиски грабеж. Институциите мора да постапат“, стои во реакцијата на СДСМ.
Новата фирма што го доби тендерот во пелагониско треба да го реализира полагањето возачки испит за моторни возила во општините Битола, Прилеп, и Ресен.
Ване Трајков
