Средба Мицкоски - Кос, реформската агенда во фокус на разговорите
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос од попладнево е во Македонија. Таа имаше тет-а-тет разговор со премиерот Мицкоски, пред утрешната лидерска средба во Скопје, ЕУ – Западен Балкан за планот за раст …

Европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции. Овие теми беа во фокусот на разговорите на средбата Мицкоски – Кос.
Еврокомесарката за проширување во прва официјална посета на земјава. Ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврдила поддршката на Европската комисија за напредок на европскиот пат. Цврста е нашата заложба за интеграција во ЕУ, посочил премиерот Мицкоски, но, додава, достоинствено преку спроведувањето на суштинските реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација.
Според него, посетата е потврда на зголемената улога на државата во европските и регионални процеси и е признание за новата енергија со која Владата ги води реформските процеси. Кос имаше средба и со министрите Муцунски и Муртезани. Ја охрабри Владата да продолжи со реформите, укажувајќи на важноста да се искористи моментот за надминување на преостанатите предизвици.
Македонија е домаќин на самитот ЕУ - Западен Балкан. Премиерот Мицкоски ќе ги пречека лидерите на Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Србија и Црна Гора.
Во Скопје пристигнува делегација од ЕУ предводена од еврокомесарката Марта Кос, како и министри, регионални организации и меѓународни институции. Панел дискусиите се посветени на спроведувањето на планот за раст и реформската агенда.
Дел од нашите министерства до јуни не ја завршија домашната задача и доцнат со реформската агенда.
Викторија Милевска
