Лидерска средба ЕУ – Западен Балкан во Скопје
Во Скопје, лидерска средба Европска Унија- Западен Балкан. Присуствува и еврокомесарката за проширување, Марта Кос. Во фокусот спроведувањето на Планот за раст и реформската агенда …

Во Скопје денеска ќе се одржи лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст. На самитот чиј домаќин е премиерот Христијан Мицкоски, учествуваат еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос и лидерите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската Унија, регионални организации и меѓународни институции.
Во рамки на лидерската средба ќе се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан и на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција. Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст.
Премиерот Мицкоски вчера во Владата одржа средба со еврокомесарката за проширување Кос, на која ја истакнал определбата на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во клучните области.
