ПАНЕЛ ЗА ПЛАНОТ ЗА РАСТ

Лидерска средба ЕУ-Западен Балкан за Планот за раст

01.07.2025 17:09

„Нашата сила е во обединетоста и стабилноста преку зајакнување на односите со соседите и со Брисел“ - порака од панелот за Планот на раст. Реформите не се едноставни, но потребни се за граѓаните на 6 земји од регионот да ги почувствуваат бенефитите од заедничкиот европски пазар, стабилноста, безбедност и просперитетот пред членството - истакна еврокомесарката за проширување Марта Кос...

Планот за раст на земјите кандидатки од Западен Балкан е инструмент за реформи за приближување кон ЕУ пред полноправното членство. Реформите не се едноставни, но потребни се за граѓаните на 6 земји од регионот да ги почувствуваат бенефитите од заедничкиот европски пазар, стабилноста, безбедноста и просперитетот пред членството, истакна еврокомесарката за проширување Марта Кос. 75 посто од договорените реформи за сите земји се или исполнети или се во тек, објави Кос. За Македонија го поздрави договорот со Бугарија за изградба на Коридорот 8, што е важен за поврзување на регионот и Европа со Азија.

Македонија предничи со 75-процентно договорени реформи поддржани со Планот за раст, објави премиерот Мицкоски посочувајќи дека Планот за раст е алатка за трансформација на земјата пред полноправното членство. Се доцни со плановите од министерствата за Правда, Енергетика и Економија, но ќе се достават во наредните две недели, увери премиерот.

Македонија беше првата земја од регионот што доби 52,4 милиони евра за реформи од Планот за раст во април, а доставила планови за реформи за 4 проекти вредни 19 милиони евра од кои 9 милиони евра се за капитални инвестиции. Планот за раст е можност за соработка на земјите од регионот на патот кон ЕУ, посочија албанскиот и косовскиот премиер на лидерската средба ЕУ-Западен Балкан во Скопје.

Планот за раст на Европската унија за Западниот Балкан е вреден 6 милијарди евра.

Од лидерската средба ЕУ-Западен Балкан во Скопје договор за продолжување на вакви средби на кои ќе се види до каде земјите кандидатки се во исполнување на реформската агенда. Следната лидерска средба ЕУ-Западен Балкан ќе се одржи наесен во Албанија.

 

Ирина Гелевска