Учениците успехот ќе го добиваат во електронска форма, вели Јаневска
Печатените свидетелства заминуваат во историјата. Учениците од основното и средното образование, успехот ќе го добиваат во електронска форма. Заврши второто електронско пријавување за основците кои се запишуваат во средно. Ресорната министерка вели дека на крај сè зависи од успехот од минатото ...

Учениците од основното и средното образование постигнатиот успех од наредната година ќе го добиваат во електронска форма – свидетелствата заминуваат во историјата. На овој чекор надлежните биле подготвени и годинава, но од ресорот велат проблем се руралните средини, каде потребен е поголем степен на дигитализација. Министерката за образование Јаневска вели – при упис во средно или на факултет системите се поврзани, на овој начин образовните институции имаат пристап до свидетелствата и увид во успехот на ученикот.
„Лесна е процедурата, но дигиталната писменост треба да се поткрене на повисоко ниво.не очекувам од родителите да знаат, но учениците треба да знаат и наставниците треба да знаат за да им помогнат во тој процес. Сега им помага администраторот или евентуално училиштето ако има информатичар. Затоа сè уште велиме дајте ги и во хартиена форма додека населението не се подготви“, изјави Весна Јаневска – министерка за образование и наука.
Во средните училишта, во тек е вториот уписен рок . Таму каде што има пријавени повеќе ученици од предвидените места ќе се полага квалификациски испит.
„Добро е јавноста да знае, и учениците, и родителите, и наставниците – дека во еден одреден момент на животот знаењето на децата ќе се провери. Ова е еден од стимулите да знаат дека ако сакаат да учат таму каде што сакаат и да ги исполнуваат своите соништа треба да учат во младоста, а потоа и на своето работно место“, изјави Весна Јаневска- министерка за образование и наука.
Голем интерес за упис имало во стручните училишта и во неколку скопски гимназии. Во првиот уписен рок, во јуни, двојно повеќе ученици се запишале во стручна насока, отколку во гимназија.
Секоја година во земјава е алармантен бројот на првачиња. Во септември минатата година во училишните клупи седнале 17.200 првачиња, 500-тини помалку од 2023 година. За годинава статистиката ќе биде позната во септември.
Андријана Ѓурческа
