Соработка

Кос: Доколку го смените Уставот веднаш ќе почнат преговорите со ЕУ

01.07.2025 16:30

Самит Европска Унија-Западен Балкан во Скопје. Еврокомесарката Кос со порака – „Доколку Северна Македонија ги исполни заложбите и го промени Уставот, што секако дека не е лесно, тогаш ќе започнеме веднаш со меѓувладината конференција, без било какви дополнителни политички условувања. Премиерот Мицкоски со став – нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум, со прифаќање на европските вредности. Но, се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности...

Уставните измени и натаму единствен услов кон полноправно членство на Македонија во Европската унија. Исполнете го ова, и без понатамошни услови ќе се организира првата меѓувладина седница, порака од еврокомесарката за проширување кос до македонските власти. Според неа овој потег нема да биде лесен, но вели прозорецот за проширување е отворен и моментот треба што поскоро да се искористи. Кос без коментар за спорењето на македонскиот идентитет и јазик од страна на бугарските европратеници, но според неа идентитетот не е политичко прашање туку како ја чувствуваме татковината и како се грижиме за нашата традиција.

Премиерот Мицкоски не се согласи со претставничката од Брисел оти идентитетот е во храната туку според него во дејците и историските личности кои го дале животот за македонската држава без разлика дали тоа му се допаѓа на источниот сосед. Уцени и подмитување не прифаќаме, порака до Брисел од Мицкоски, вели иако сме благодарни за поддршката на Европската комисија, владата е решена сама да и помогне на земјата.

За 8 јули во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент е најавено гласањето за Извештајот за Македонија. Премиерот Мицкоски очекува, како што вели, секаков инженеринг од бугарските европратеници и оценува оти тоа што го прават во Европскиот парламент нема допирна точка со европските вредности.

Кос изрази сочувство до фамилиите на трагично загинатите во трагедијата во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Вети дека ќе ги посети повредените при следната посета на земјава.

 

Викторија Милевска