Првпат по три години Путин и Макрон на телефонска линија
Макрон повика на прекин на огнот и почеток на преговори. Путин вели-Украинскиот конфликт е директна последица на политиките на западните земји, решението мора да биде сеопфатно, да ги адресира основните причини...

Првпат по три години рускиот и францускиот претседател на телефонска линија. Во фокус-војната во Украина. Макрон повика на прекин на огнот и почеток на преговори. Путин вели-Украинскиот конфликт е директна последица на политиките на западните земји, решението мора да биде сеопфатно, да ги адресира основните причини и да се базира на реалноста на теренот. ОН го поздравија дијалогот.
Наспроти дипломатијата, Киев и Москва продолжија со напади. И двете страни обвинуваат за жртви и повредени. Зеленски потврди дека командант е убиен во вчерашниот руски напад врз Хуљиапол и најави одговор, повторно истакнувајќи ја важноста од притисокот врз Русија.
„Имаме јасни информации, потврдени од партнерите, дека санкциите се навистина болни за Русија. Доколку притисокот дополнително се зголеми, тоа ќе ја принуди Русија да размислува за нешто што е надвор од само линијата на фронтот и омразата кон своите соседи“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Истовремено Кремљ ги отфрли обвинувањата на Вашингтон дека Москва ги одложува мировните преговори, наведувајќи дека двете земји треба да се договорат за датум за третата рунда разговори.
„Никој ништо не одложува. Ние сме заинтересирани за постигнување на целите на специјалната воена операција преку политички и дипломатски средства, па затоа немаме интерес од одложување“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.
Додека Русија ги засилува нападите, САД ги суспендираат испораките на ракетите „Патриот“ и „Стингер“ во Украина.
